На граничните премини „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско-албанската граница кај Дебар е забележан рекорден број на преминувања, според податоците на македонското Министерство за внатрешни работи. Вкупно 885.425 патници ја минале границата, што претставува зголемување од 122.341 во споредба со претходната година.
Една од главните причини за порастот на фреквенцијата на премините, особено кај „Блато“, е подобрената патна инфраструктура. Клучен фактор е отворањето на новиот автопат со кој оддалеченоста од преминот до Тирана е намалена на 80 километри, што е за околу 100 километри помалку од претходно. Покрај тоа, реконструкцијата на патните правци Маврови Анови – Жировница и Жировница – Дебар значително ја подобри комуникацијата во регионот, олеснувајќи го движењето на патниците.


