Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска го посети Бирото за метрологија, орган во состав на Министерството, со цел да се запознае со тековните активности и предизвици на оваа институција. За време на посетата, министерката Божиновска се сретна со директорот на Бирото, Седат Рушани, и вработените во лабораториите.
Беше дискутирано за важноста на инспекцискиот надзор над употребата на законските мерни единици и калибрацијата на мерилата, како и за потребата од континуирана едукација и обука на кадарот во Бирото. Министерката Божиновска нагласи дека точните и доверливи мерења се основа за економскиот развој и заштитата на потрошувачите, и дека Министерството ќе вложи напори за зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија.
Во текот на разговорите, министерката побара детален извештај за досегашните активности на Бирото, вклучувајќи ги и предизвиците со кои се соочува институцијата. Таа истакна дека е неопходно да се идентификуваат и адресираат сите потенцијални неправилности или пречки кои можат да влијаат на ефикасноста на работата на Бирото.
Министерката Божиновска ја потенцираше важноста на транспарентноста и отчетноста во работата на сите институции под надлежност на Министерството. Таа изрази очекување дека Бирото за метрологија ќе продолжи со својата посветеност кон одржување на високите стандарди во своето работење и ќе преземе соодветни мерки за надминување на сите идентификувани предизвици.


