Комисијата за заштита на конкуренцијата изврши ненадеен увид во четири трговски ланци и една стопанска комора, во рамките на своите овластувања според Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики. Увидот беше спроведен поради сомнежи дека неколку трговски ланци кои се занимаваат со продажба на прехранбени и непрехранбени производи, ги прекршиле одредбите од член 7 на Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картелски договарања и усогласено однесување помеѓу компании, со цел да се наруши конкуренцијата на пазарот.
Според информациите, тие компании се договарале да не набавуваат стоки од добавувачи кои ќе понудат нови ценовници, што претставува кршење на конкуренцијата.
Како резултат на ова, започната е прекршочна постапка. Комисијата за заштита на конкуренцијата најави дека ќе продолжи со интензивни контроли во повеќе компании кои учествуваат во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи. Комисијата ќе преземе ригорозни санкции за секое нарушување на конкурентскиот пазар, со цел да се обезбеди заштита на интересите на потрошувачите и да се спречи изигрување на законските прописи.


